Почина девојчето кое беше тешко рането во пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“

Девојчето кое беше тешко рането во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград почина во Универзитетската детска клиника во Тиршова, соопшти денеска Министерството за здравство на Србија.

Според информациите, таа починала и покрај итната хируршка интервенција и сите преземени мерки за интензивно лекување.

Министерката за здравство Даница Грујичиќ во свое име и во име на Министерството за здравство изрази искрено сочувство до семејството на повреденото девојче.

По пукањето, девојчето со тешки повреди на главата било примено во Тиршова, каде веднаш била оперирана. Директорот на клиниката Синиша Дучиќ тогаш изјави дека операцијата била исклучително тешка, дека животот на детето е загрозен и дека мозокот е сериозно повреден.

Грујичиќ неколку дена по трагедијата изјави дека девојчето е во критична состојба и дека и е загрозен животот.

Таа е десеттата жртва на масовното пукање што се случи на 3 мај, кога седмоодделенецот Коста Кецмановиќ влезе во „Рибникар“ и пукаше во врсниците и вработените.

Уби осум ученици и училишен чувар на лице место, а рани уште седуммина.