Почина претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски.
Веста ја објавија од ССМ, а пријателите и соработниците на социјалните мрежи се збогуваат со синдикалниот лидер.
„Со жалење информираме дека по кратко боледување на 45-годишна возраст, почина претседателот на ССМ, Дарко Димовски. Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочувство на неговото семејство“ – објавија од ССМ.
Димовски е претседател на ССМ од 2017 година, позиција за која се кандидира од претседателското место во Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ).
Едно од последните појавувања на Димовски во јавноста беше на протестот пред Владата на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, каде што тој беше со нарушено здравје и говорот го држеше седнат на стол.
„Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе да се сплоти и да им кажеме „не“ на тие што не мислат на нас, што си гледаат само за себе“ – повика Димовски на првомајскиот протест.