
Пријателката на убиениот навивач на АЕК, Михалис Кацурис, Маријанда Г, ги откри деталите од трагичниот инцидент во кој животот го загуби 29-годишниот Грк.
Во понеделникот доцна вечерта хулиганите на Динамо Загреб предизвикаа страотен неред пред стадионот на АЕК во Атина. Хулиганите кршеа се по ред и нападнаа луѓе кои случајно се нашле таму, а во крвава пресметка која ја запрепасти Европа животот го загуби несреќниот Кацурис.
Во моментот кога хрватските хулигани започнаа крвав поход, Михалис беше на стадионот во друштво на својата пријателка Маријанда, која не може да се опорави од шокот што го доживеа.
„Ова не се навивачи. Јас живеам во Нова Филаделфија на 100 метри од стадионот и работам во кафулето АЕК, па добро го познавав типот. Ќе врескам од бес! Зошто не остави незаштитени? Зошто доцнеа кога ние се јавивме? Зошто дојдовте на половина пат откако викавме дека не убиваат? Зошто ги испративте овие панкери во нашиот град? – прашува вознемирената девојка.
Маријанда и Михалис бегаа од хрватските хулигани кои газеа се пред себе.
„Никогаш нема да го заборавам тоа што го доживеавме. Бегавме, а толпа луѓе облечени во црно прободуваа се пред себе и фрлаа со камења по нас. Дојдоа да убијат! И сето тоа се случи во 10 часот навечер кога таму уште беа мали деца со семејствата надвор. Среќни патувања Мајк од сите нас кои имавме среќа да те запознаеме“, изјави Маријанда.
Да потсетиме, 29-годишниот навивач починал како последица на прободување. Хулиганите ја пробиле артеријата на раката на младиот човек, при што тој искрварил.
Веднаш бил пренесен во болница, каде лекарите се бореле за неговиот живот, но не можел да биде спасен.