
Јас сум подготвен да седнам и да разговарам за да видиме како ќе одиме напред, а зошто тие не прифаќаат средба кога толку повикуваат на национално единство – вели лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче во гостување на „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
Говорејќи за евентуална лидерска средба, Филипче рече дека е подготвен да разговара во таков формат, каде би се воспоставиле црвените линии на земјава и би се постигнал натпартиски консензус помеѓу сите политички чинители за најважните државни прашања.
„Натпартиски консензус е единствено можно решение за клучните прашања, но за тоа да се направи треба да се седне и да се разговара, да нема калкулации и предрасуди, да видиме кои се нашите црвени линии. Подготвен сум во кој било момент да седнеме да разговараме и да видиме како ќе продолжиме напред“, вели Филипче.
Дополнително, вели, очигледно е дека нивните позиции се различни од оние на владејачкото мнозинство и оти жали дека е така, но потребно е да се почне со решавање на проблемот и прашува зошто ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа средба, а константно повикуваат на национално единство.
Филипче е скептичен дека проблемот со Бугарија би се решил набрзо или пак на лесен начин, но вели прашањето е дали земјата ќе стагнира додека го решава проблемот, односно дали во тој период нема да има реформи, оти неговиот личен впечаток е дека Владата само бара причина да не оди напред по европскиот пат, но и оти нема јасна желба и волја да спроведе реформи во правосудниот систем.
„Прашањето е дали во тој период нема да имаме реформи, нема да ги направиме уставните промени за кои сите викаме дека нема проблем да се внесат Бугарите во Уставот, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ, па потоа да се отворат поглавјата, да почне вистинската реформа на правниот систем, да се донесат реформските закони во енергетиката, европските коридори,…, да ги добиеме европските фондови или ќе чекаме и ќе викаме „аха, Бугарите не не признаваат, имаме ризик по јазикот, по идентитетот“ и ништо нема да направиме“, кажа Филипче.
Лидерот на опозициската СДСМ вели дека популистичкото владеење на оваа Влада придонесува за поделба на граѓаните помеѓу „патриоти“ и „предавници“ и оти оваа Влада владее исто како поранешниот премиер Никола Груевски, оти Мицкоски повикува на национално единство, но и самиот не кажува на што се однесува тоа.
Како можно решение, Филипче предлага референдум на кој граѓаните би одлучиле дали сме подготвени да продолжиме по европскиот пат, оти сегашната влада ветуваше подобрување на преговарачката рамка, но тие ветувања не се преточија во реалност.
СДСМ во Скопје ќе настапи со свој кандидат, ќе се знае до крајот на јули – во игра се Ралев и Шукова
СДСМ во Скопје ќе настапи со свој кандидат на претстојните локални избори, а ќе го објави до крајот на јули. Во игра се Мишко Ралев и Каја Шукова, но има и уште двајца други кандидати, рече вечерва партискиот лидер Венко Филипче.
Тој истакна дека не сака да шпекулира со број на гласови кои би ги добила СДСМ на изборите или со број на советнички места и градоначалници.
-Даваме се од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да ги увериме граѓаните дека нашите кандидати имаат кредибилитет и дека ќе работат чесно и транспарентно. На скопјани сакам да им порачам дека предлогот ќе биде човек што ќе обединува, напомена Филипче.
Според него, коалиции со албанските партии во мешаните средини ќе се прават, но врз повеќе основи: принципиелност, заемно почитување, компатибилност на кандидатите и луѓето кои живеат во општините.
СДСМ, подвлече Филипче, фокус ќе стави на листата на советници.
За Струмица информира дека Марјан Даскаловски имал поголема поддршка од партиското членство во однос на Костадин Костадинов.
Филипче обелодени и дека Таравари побарал поддршка од СДСМ.
-Со Ахмети не сум се сретнал, а со Таравари имавме средба пред неколку недели кога тој не беше кандидат. Побара поддршка и сега разговараме со нашите членови во општинската организација. Ќе ја донесеме најдобрата одлука, рече лидерот на СДСМ.
Во врска со златната виза за Дубаи, Филипче и овојпат не откри со која болница преговарал. Само кажа дека има легитимно право да заработи од својата струка – неврохирургијата. Негираше дека има каков било имот, инвестиции, згради,…
-Не ви откривам ни сега, треба да бидам професионален, а дали тоа ќе влијае или не на моето реноме или како ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува во однос на тоа, какви приказни излегуваат,… Не е точно, инаку, дека сум добил возило на подарок. Вистината е дека немам бизниси, легитимно е во одреден период понатаму и да заработам од мојата струка во која сум вложил. Среќен сум што добив шанса зашто ретко кој добива таква шанса. Има точно наведени струки за кои може да добиете виза во Емиратите – лекари, инженери…, рече Филипче.
Во однос на поранешниот премиер Зоран Заев, истакна дека со него има само приватни контакти.
-Заев не сака веќе да се занимава со политика, ниту има намера да се меша за било што или за какви било одлуки, дециден е Филипче.