Потрага по 12 исчезнати по пожарот на траектот кој пловеше кон Италија
Утринава продолжи потрагата по 12 лица, исчезнати по вчерашниот пожар на траектот што пловеше од Грција кон Италија. Бројот на исчезнати од 11 се зголеми на 12 лица откако вчера беа пронајдени и спасени двајцата патници, кои со часови останаа заглавени во траектот, но по нивната идентификација произлезе дека еден од нив, веројатно мигрант, нелегално патувал и не бил на официјалната листа со патници.
Траектот сè уште се наоѓа во морскиот дел во близина на Крф, а денеска продолжува и гаснењето на пожарот.
Според сведоштвата на патниците за грчките медиуми, капетанот околу 4.30 часот ги информирал дека треба веднаш да ги напуштат нивните кабини, да се соберат на палубите, по што со елеци за спасување биле пренесени и евакуирани во чамци за спасување, а подоцна преземени од бродови на грчката и италијанската крајбрежна служба.
Причината за пожарот што избувна додека траектот пловел во морскиот дел североисточно од островот Ерикуса засега не е позната.
Траектот „Euroferry Olympia“ пловел под италијанско знаме, тргнал од Игуменица кон Бриндизи, а според официјалните списоци имало 239 патници и 51 член на екипажот, како и автомобили и камиони.