
Потпишан договор за грант од 5,5 милиони евра за енергетска реконструкција на студентски домови
Документот го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на KfW за Југоисточна Европа, Клаус Милер.
Средствата се наменети за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови низ земјата, како дел од пошироката иницијатива за подобрување на условите за живот на студентите и намалување на емисиите на CO₂.
Документот го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на KfW за Југоисточна Европа, Клаус Милер.
Министерката за образование и наука, Јаневска, информираше дека е во тек темелна реконструкција на девет државни студентски домови, поддржана од ЕУ и KFW. Првата фаза опфаќа целосна обнова на домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои, како што рече, до крајот на годината ќе станат ултра модерни и енергетски ефикасни.
-Со новиот грант буџетот сега надминува 30 милиони евра и средствата ќе се искористат за делумно финансирање на обновата на четири студентски домови „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, појасни таа.
Јаневска најави и трета фаза, која ќе ги опфати домовите „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, изјави дека со потпишувањето на договорот се работи на подобрување на енергетската ефикасност во образованието.
-Студентското домување е суштински дел од животот додека човек е на факултет и обезбедува дом надвор од домот. Спроведувањето на скоро нулта енергетските згради придонесува за намалување на загадувањето во Скопје, а реконструкцијата на двата дома напредува со полна брзина. Со подобрување на условите за живот на студентите сакаме да ги земеме предвид и студентите со посебни потреби, да се зголеми нивниот квалитет на живот. Се надеваме дека со овој проект, заедно, сите четворица ќе добиеме десетка на испитот – и со средствата обезбедени преку оваа програма, но и со оние од реформската агенда, рече тој.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер изрази надеж дека проектот ќе доведе до „30 проценти намалени сметки за енергија во студентските домови“, што ќе придонесе и за климатските цели, енергетската стабилност и подобар живот за сите граѓани.
Директорот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа, Клаус Милер, рече дека покрај финансиската поддршка, банката ја поддржува Владата и во законодавството за енергетска ефикасност.
-Се надеваме дека до крајот на оваа година ќе потпишеме уште еден договор за следната фаза, изјави Милер.
Грантот е обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP Plus), и го надополнува заемот од 20 милиони евра од Германската развојна банка (KfW).