Потпишан договор за грант од ЕУ за кофинансирање на проектот на СБ за модернизација на земјоделството

Договорот за грантот од ЕУ, денеска во Министерството за финансии го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и Шијаочин Ју директорката на СБ за Западен Балкан. На потпишувањето на договорот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Светска банка за Македонија и Косово Масимилијано Паолучи и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Грант средствата од 4 милиони евра, како и 4,5 милиони евра од Проектот на Светска банка ќе се искористат за воспоставување систем за безбедно отстранување на животински нуспроизводи. Целта е да се заштити животната средина и да се намали влијанието од одлагање на овој отпад на депониите.
Министерот за финансии Фатмир Бесими по потпишување на Договорот рече дека модернизацијата на земјоделскиот сектор во земјава е еден од приоритетите на Владата и дека оваа поддршка е значајна во таа насока.

„Овој договор е поддршка за нашите активности за модернизација на овој сектор, што е дел од нашата програма и евроинтегративниот процес. Како Влада даваме значајна поддршка на овој сектор за да се подгине конкурентноста и да се зголеми домашното производство. Од наредната година се воспоставува и нов систем за субвенции за поефикасна распределба на средствата и поголем ефект”, рече министерот Бесими.

Директорот на Светска банка за Македонија и Косово Масимилијано Паолучи, истакна дека Проектот на Светска банка за модернизација на земјоделството (во износ од 46 милиони евра) е насочен кон подобрување на конкурентноста на земјоделскиот сектор и зајакнување на јавните институции во Македонија во рамки на пристапниот процес на земјата во ЕУ.

„Усогласувањето на стандардите за безбедност на храната со барањата на ЕУ е од клучно значење за успешен раст на прехранбено-преработувачката индустрија и за слободен проток на земјоделските производи на пазарот. На тој начин ќе се зајакне и можноста за следење на потеклото и преработката на производите што, пак, ќе доведе до подобрување на пристапот до пазарот”, потенцира Паолучи.