
Потпишан Договорот за заем со ЕБОР вреден 20,9 милиони евра – ќе се набавуваат електрични локомотиви за ЖРСМ Транспорт
Договор за заем меѓу МЖ Транспорт и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 20,9 милиони евра е потпишан денеска во Владата. Со заемот ќе се набавуваат електрични локомотиви со резервни делови, а целта е поголем транспорт на стоки и генерирање приходи на претпријатието.
Договор за заем меѓу МЖ Транспорт и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 20,9 милиони евра е потпишан денеска во Владата. Со заемот ќе се набавуваат електрични локомотиви со резервни делови, а целта е поголем транспорт на стоки и генерирање приходи на претпријатието.
Како што беше речено пред потпишувањето, проектот е важен чекор кон модернизација на МЖ Транспорт, како и кон унапредување на сигурноста и ефикасноста на товарниот железнички сообраќај.
Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка, се во целосна согласност со стратегијата за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии.
– Денес зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, а е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на Македонија, а тоа е железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива, подвлече премиерот Христијан Мицкоски, според кој, ова е системска обнова на железничкиот сектор.
Мицкоски информира и дека пред Договорот за заем претходеше анализа за потребите, функционалноста и оперативноста на МЖ Транспорт.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, потпишувањето на Договорот е клучен чекор за целосната трансформација на ЖРСМ Транспорт во модерно претпријатие кое ќе одговори на потребите на комитентите.
-Новите локомотиви целосно ќе ја променат сликата и со веќе постојните целосно ќе може да го опслужат транспортот, рече Николоски.
Министерката Димитриеска-Кочоска напомена дека Договорот за заем е резултат на интензивни и конструктивни преговори и претставува потврда за довербата што меѓународните финансиски институции ја имаат во нашите политики и во насоката во која се движи државата.
-Со денешниот настан и потпишувањето на Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ директно инвестираме во зголемување на капацитетите и ефикасноста на Железници на Република Македонија – Транспорт АД Скопје, преку набавка на нови локомотиви кои ќе овозможат поголем обем и посигурност на товарниот железнички превоз. Тоа значи подобра поврзаност, поголема конкурентност на домашната економија и нови можности за генерирање приходи. Особено значајно е што проектот вклучува и воведување на современ ERP-систем, со што се создава основа за подобро управување со ресурсите, зголемена оперативна ефикасност и повисоко ниво на корпоративно управување во железничкиот сектор, истакна министерката.
Ова е пример, дополни, за интегриран пристап – не само инфраструктурна инвестиција, туку и институционално и управувачко зајакнување.
На потпишувањето, покрај претставниците на ЕБОР, присуствуваат и претставници на Министерството за транспорт и на раководството на ЖРСМ Транспорт.