
Веста дека македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран ноќеска во близина на Бетон хала во Белград е точна, потврди Миланка Рашиќ, која е задолжена за неговиот ПР.
„Зборував со Даниел пред малку, добро е. По ноќта помината во полиција, сега е дома. Она што можеме да го потврдиме е дека полицијата трага по непознатите сторители кои се странци, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил барајќи му 20.000 евра.
Возеле накај Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да ги запре. Возилото удрило во банкина, киднаперите излегле од автомобилот и избегале. Даниел потоа поминал неколку часа во полициска станица.
Од она што го чув од Даниел во краткиот разговор, ми се чини дека многу смирено и храбро се соочил со киднаперите. Сега му е потребен мир и во интерес на полициската истрага нема да дава изјави“, напиша Рашиќ.