Во Истанбул е постигнат договор за деблокирање на извозот на украинско жито.
„Русија, Украина, Турција и Обединетите нации се согласија да формираат центар за координација за да се обезбедат безбедни рути“ – изјави турскиот министер за одбрана Хулуси Акар во соопштение.
Тој истакна дека страните се договориле и за заеднички инспекции на извезеното жито и пристаништата. Акар најави дека договорот ќе биде потпишан следната недела, кога сите учесници во денешните разговори повторно ќе се сретнат во Турција.
Целта е да се обнови извозот на украинското жито од Одеса во време кога глобалната криза со храна се влошува поради војната во Украина. Поранешната советска република е голем светски извозник, а Русија воведе блокада на нејзиниот брег на Црното Море.
„Постигнати се договори за голем број важни аспекти“ – изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Тој изрази надеж дека следните чекори ќе овозможат да се склучи формален договор.