Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон ќе се сретнат на завршните преговори за членство на Шведска во НАТО.
Состанокот, кој го организираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред големиот самит на НАТО, треба, како што се надева, да овозможи укинување на ветото на Турција што го блокира влезот на Шведска во Атлантската алијанса од мај 2022 година.
Столтенберг, кој сака 31 земја-членка на организацијата да понудат обединет фронт против Русија, неодамна оцени дека е „апсолутно можно“ Турција да донесе „позитивна одлука“ за Шведска.
Ердоган во петокот вети дека ќе ја донесе „најдобрата одлука, која и да е“, навестувајќи дека сите опции се на маса.
Турскиот претседател ја блокира кандидатурата на Шведска, обвинувајќи го Стокхолм дека засолнува турски опозиционери и курдски активисти од движењата кои Анкара ги смета за „терористички“.
„Како може земја која не се дистанцира од терористичките организации да придонесе за НАТО“, праша неодамна турскиот претседател, кој минатиот месец повторно ја осуди Шведска што дозволила палење на Куранот на нејзина територија.
Заедно со Унгарија, Турција е единствената од 31 земја на НАТО која сè уште го нема ратификувано членството на Шведска. Унгарија рече дека ќе даде согласност доколку Турција го стори тоа.