Посета на театар и аквариум: Ким Џонг Ун ја заврши посетата на Русија

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун денеска со својот оклопен воз го напушти рускиот Далечен Исток и се упати кон севернокорејската граница, пренесоа руските новински агенции.

„Возот на Ким Џонг Ун се упати кон граничната станица Хасан. Растојанието е околу 250 километри“, наведува ТАСС.

На последниот ден од посетата на рускиот Далечен Исток, севернокорејскиот лидер ги обиколи универзитетите и аквариумите.

Руската новинска агенција РИА Новости објави видео снимки на кои Ким, придружуван од највисоките функционери, разговара со руски колеги со помош на преведувачи додека бил на обиколка на универзитет во Русија.
Еден ден по посетата на руските бомбардери со нуклеарно оружје и друго напредно оружје, Ким во неделата отиде и во најголемиот аквариум во Русија.

Севернокорејскиот лидер гледал перформанс со китови, делфини, фоки и Миша моржот, што, како што пренесуваат руските медиуми, особено му се допаднало.

Ким Џонг Ун е во Русија од вторникот, а за време на посетата разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин.

Синоќа во театарот ја гледаше балетската претстава „Заспаната убавица“.