Македонската фудбалска репрезентација со пораз од 2-0 вечерва во Порто против Португалија го заврши мундијалскиот сон. Селекцијата предводена од Кристијано Роналдо сепак беше преголем залак за пулените на селекторот Благоја Милевски.
Сепак, македонските фудбалери не се посрамотија, одиграа борбено, смирено, дисциплинирано, иако двата гола на противниците паднаа по наши грешки.
Двоен стрелец на средбата на „Драгао“ одиграна пред околу 50.000 гледачи, од кои 1.500 Македонци беше Бруно Фернандеш, ѕвездата на Манчестер Јунајтед.
Португалците беа подобар тим во првото полувреме и од три големи шанси една претворија во гол. Фернандеш погоди во 32. минута на асистенција на Кристијано Роналдо, а по грешката на капитенот Стефан Ристовски.
И вториот гол Португалците го постигнаа во транзиција, откако на Енис Барди му беше одземена една топка во 65. минута.
Трајковски, Елмас, Барди, Адеми, браќата Ристовски, дефанзивците Велковски и Муслиу, борбените Алиоски и Николов, пожртвуваниот Костадинов, голманот Димитриевски и сите останати кои настапија во овој квалификациски циклус одиграа со срце за дресот кој го носат.
Покрај Португалија, вечерва настап на Светското првенство во Катар обезбеди и селекцијата на Полска која ја победи Шведска.