Портпаролот на цивилната одбрана на Кипар: Не смее да има паника, во состојба на готовност сме

Важно е да се избегне паника, се преземаат сите мерки, во состојба на готовност сме, на луѓето им кажуваме да бидат смирени, вели по нападот на Иран врз британската воена база на Кипар, во разговор со дописничката на МИА портпаролот на Генералната дирекција на Цивилната одбрана на Кипар, Панајотис Лиасидис.

– Се преземаат сите мерки, во состојба на готовност сме, но она што е важно и им го кажуваме на луѓето е да бидат смирени, подготвени и да се избегне паника, вели во разговор со дописничката на МИА портпаролот на Генералната дирекција на Цивилната одбрана на Кипар, Панајотис Лиасидис.

По нападот со беспилотно летало на британските воени бази во близина на Лимасол, веќе петти ден активирани се сите надлежни органи, а главната улога ја има токму цивилната одбрана што е во рамките на Министерството за внатрешни работи на Кипар.

Дел од преземените активности во изминатите денови се информирање за локациите на засолништата на целата територија преку специјална апликација, информирање за неопходните работи што треба да ги имаат граѓаните со нив во случај на опасност, што се однесува на каква било опасност, а не само на актуелната ситуација, испраќање пробни смс пораки како уште еден канал за навремено информирање и сл.

Портпаролот на кипарската цивилна одбрана за МИА говори за сите овие аспекти, ставајќи го акцентот на превенцијата, смиреноста и навремената подготовка.

– Како што подразбира, се преземаат сите мерки, во овој момент сме во состојба на готовност, на будност, постојат планови за справување за вакви случаи. Она што секогаш треба да го кажуваме е смиреност. Луѓето треба да бидат подготвени, многу е важна превенцијата, да бидеме подготвени за некои работи, да знаеме што треба да направиме и секако, да се избегне паника, вели Лиасидис за актуелната ситуација во земјата и колку Република Кипар е подготвена за најлошото сценарио.

Специјална апликација за лоцирање на најблиското засолниште

Управителката на цивилната одбрана на Марија Папа и министерот за внатрешни работи на Константинос Јоану во понеделникот соопштија дека Кипар располага со околу 2.500 засолништа што покриваат 40-45 отсто од населението, а за лоцирање на засолништата веќе постои и специјална апликација за мобилните телефони „SafeCY“.

Апликацијата е едноставна за употреба, при отворањето веднаш го лоцира корисник и на мапата ги покажува засолништата што се во непосредна близина.

За секое од засолништата дава и дополнителни информации за капацитетот, точната адреса, но и видот на просторот.

Најчесто станува збор за подземни паркинзи во приватни или јавни објекти.

Портпаролот на цивилната одбрана на Кипар објасни дека се работи на зголемување на бројот на засолништа во земјата, особено преку можноста за дополнителен коефициент на градба што ќе обезбеди дополнителни подземни простори за засолништа од приватни лица.

– Засолништата се околу 2.500, се прават многу напори за да се најдат нови простори, како на пример под големи продавници за да се збогати оваа листа. Вчера, министерот за внатрешни работи, Константинос Јоану соопшти дека ќе даде упатства за урбанистички олеснувања со дополнителен коефициент на градба за домови и згради за граѓаните да имаат можност да направат засолниште во нивниот простор, но да не го загубат коефициентот на градба што го имаат, нешто што мислам дека е многу добар потег и ќе помогне да имаме повеќе засолништа, објасни Лиасидис за МИА.

Кипарската Влада во средата тестираше испраќање смс пораки до жителите со цел да се користи и овој начин за информирање на граѓаните во случај да биде потребно, а доколку жителите добијат вистинска, а не тест предупредувачка порака ќе треба да ги преземат конкретни упатства.

Ако во нивната или соседна зграда или на местото каде што се наоѓаат граѓаните, има подрум, веднаш и смирено да се упатат кон него пеш; ако се во затворен простор без подрум, да останат во внатрешноста на објектот, подалеку од врати, стакла и прозорци; ако се наоѓаат на отворено, да заминат во најблискиот затворен објект, додека пак во објекти како училишта, болници и спортски сали се применува предвидениот протокол од надлежниот персонал, а граѓаните се повикуваат да избегнуваат движење со возило кон овие локации.

Портпаролот на цивилната одбрана на Кипар за МИА објасни дека системот со смс пораки што го тестираа е привремена мерка за да се покрие периодот до јуни кога ќе се воведе системот за навремено предупредување, односно пораки преку бројот за итни случаи 112.

– Ова што го имавме завчера е систем со смс пораки, од јуни ќе го имаме она што постои во Грција и во други европски земји за навремено предупредување што е сосема друга технологија, објасни Лиасидис.

Ранецот за итни случаи е за каква било опасност, да не се поврзува со актуелната ситуација

Вода, свирче, средства за лична хигиена, батериска ламба, топла облека, долготрајна храна, пари, кутија за прва помош, батерии и powerbank, радио на батерии, лекови, пари во готовина, маска, треба да содржи водоотпорниот и лесен ранец за итни случаи, што секој од граѓаните треба да го поседува во случај на опасност, како што објави во понеделникот цивилната одбрана на Кипар.

Меѓутоа, портпаролот за МИА објаснува дека конкретниот ранец, за кој многу се коментираше во јавноста и медиумите, не е нешто ново и не е нешто специјално издадено за актуелната ситуација.

– Ние со години го имаме во нашите упатства. Тоа е превентивна мерка и помага да имаме некои важни работи со нас за вонредна состојба, доколку се случи нешто. Ова не значи дека е специјално за сега, туку е за која било опасност, да го имаме овој ранец, да го земеме со нас кога ќе одиме некаде привремено. Исто како кога одиме на екскурзија и подготвуваме некои работи во нашиот ранец. И ова нешто слично. Луѓето не треба да го поврзат со актуелната ситуација. Ова е нешто што е одамна. Ако се сеќавате лани и европската комесарка Лахбиб објави кусо видео и се осврна на овој ранец. Така што не е нешто ново, посочи Лиасидис.

Во привремени објекти за сместување 250 жители на селото Акротири кај британските воени бази

По нападот со беспилотно летало врз британските бази, веднаш беше евакуирано малото село Акротири, во јужниот дел на Кипар, каде што се наоѓаат воените бази, а жителите веќе петти ден се во привремено сместување или кај нивни роднини.

– Во овој момент, ние имаме понудено сместување, привремен престој на околу 250 лица. Некои од жителите се кај нивни роднини, а ситуацијата одново ќе се оцени утре и ќе се донесат одлуки дали ќе се продолжи актуелната состојба и жителите ќе останат повеќе денови вон нивните домови. Државата е до ↓граѓаните, им помага колку може, сè додека да се вратат во нивните домови, рече за МИА портпаролот на цивилната одбрана на Кипар.

Во текот на вчерашниот ден, за помалку од 24 часа три пат беа вклучени сирените во околината на Акротири, меѓутоа не беше утврдена никаква закана.