Официјален Кремљ денеска соопшти дека воената операција против Украина ќе трае онолку колку што е потребно, во зависност од нејзините „резултати“ и нејзиното „оправдување“.
Русија почна инвазија врз Украина од копно, воздух и море, што е најголемиот напад на друга земја во Европа од Втората светска војна.
Портпаролот на рускиот претседател – Дмитриј Песков изјави дека Москва сака да наметне „неутрален статус“ на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани „нацистите“ од земјата.
„Времетраењето (на операцијата) ќе биде одредено според нејзините резултати и нејзината оправданост. За тоа ќе одлучи врховниот командант на вооружените сили Владимир Путин. Теоретски, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите“ – изјави портпаролот на Кремљ.
Москва ги обвинува прозападните власти во Киев дека со помош на воени групи блиски до крајната десница организирале „геноцид“ на жителите кои зборуваат руски на исток.
Сепак, портпаролот на Кремљ не одговори на прашањето дали Москва го смета украинскиот претседател Володимир Зеленски за „нацист“.
Песков исто така рече дека Москва е подготвена да разговара со украинските лидери за овие барања, доколку тие се „подготвени за дијалог“.
„Направивме се што можеме за да го направиме овој емотивен период што е можно пократок“, рече тој.