Европската унија (ЕУ) е суштински против глорификацијата на криминалците, терористите и жалењето за нив, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано по повод прогласувањето ден на жалост во Србија по конфликтот во селото Бањска во општината на Звечан на северот на Косово.
„Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртвите“, рече Стано во писмениот одговор за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во неделата, на 24 септември, косовската полиција го истражуваше подрачјето околу селото Бањска на северот од земјата, кога во раните утрински часови група маскирани и вооружени лица ја нападнаа полицијата на северот на Косово.
Во таа прилика е убиен еден полицаец, додека во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност. Овој напад го осуди меѓународната заедница, а ЕУ оценува дека станува збор за „терористички напад“.
Претставниците на ЕУ продолжуваат да инсистираат дека е неопходна истрага за нападот во Бањска и дека ЕУ ќе одлучи како да продолжи врз основа на резултатите од истрагата.