Поранешниот украински претседател Петро Порошенко се надева дека ќе се врати на власт во земјата по војната, изјави тој за Ал Џезира.
Иако не може да се одржат избори во време на војна, Порошенко јасно стави до знаење дека планира да се кандидира кога е можно. „Но, пред тоа, Украина треба да ја победи Русија“, рече тој.
„Оваа војна е поголема од Украина. Се работи за светски поредок, слобода, демократија. Ние сме тука и се бориме и го спасуваме светот“, рече Порошенко.
Порошенко, кој ја предводи најголемата незабранета опозициска партија, рече дека алтернативен план би бил да се кандидира за место во Европскиот парламент кога Украина ќе влезе во ЕУ.
Тој беше на функцијата пет години, а беше поразен од Володимир Зеленски во 2019 година.
Според Уставот, претседателските избори требаше да се одржат во недела, но беа одложени.
Според анкетите, украинската јавност се противи на одржување избори за време на војна.
Мандатот на Зеленски истекува на 20 мај, но според Уставот, тој може да остане на функцијата додека не биде заменет со наследник.