Пораст на случаите на грип, Ковид-19 и респираторни инфекции во Грција

Во периодот од 30 декември до 5 јануари, во Грција е регистриран пораст на заболени од грип и респираторни инфекции, како и на позитивни случаи на Ковид-19, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).

Во периодот од 30 декември до 5 јануари, во Грција е регистриран пораст на заболени од грип и респираторни инфекции, како и на позитивни случаи на Ковид-19, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на Ковид-19, стапката на позитивност кај сите тестирани примероци е зголемена во однос на претходната седмица, 538 лица биле хоспитализирани, а бројот на смртни случаи е 22.

Пораст има и на заболени од грип и во првата седмица од годинава биле регистрирани седум нови тешки случаи со хоспитализација на интензивна нега и еден нов смртен случај од лабораториски потврден грип.

– И грипот и Ковид-19 се поврзани со значителен број на смртни случаи меѓу тешките случаи, при што инфекцијата Ковид-19 е подоминантна од грипот. Се препорачува лицата кои ги исполнуваат условите за вакцинација, особено оние со поголем ризик од сериозни последици (стари лица и лица со здравствени проблеми), да се вакцинираат за двете болести, пишува во извештајот на Националната организација за јавно здравје на Грција.