Поранешниот министер за одбрана на БиХ е осуден на 3 години затвор за злоупотреба на службената положба

Судот на Босна и Херцеговина го осуди поранешниот министер за одбрана на БиХ Селмо Цикотиќ (СДА) на три години затвор за злоупотреба на службената положба, објавија сараевските медиуми.

Цикотиќ е обвинет дека ја искористил својата службена положба во периодот од 2009 до 2011 година за да ја фаворизира компанијата „Скаут“ од Загреб да купува вишок оружје од БиХ, со што го оштетил државниот буџет за 9,7 милиони конвертибилни марки (околу пет милиони евра).

Според обвинението, тој одобрил четири анекси на основните договори за продажба на неперспективно оружје и муниција склучени во 2003 и 2004 година.

Обвинителството на Босна и Херцеговина за време на презентацијата на завршните зборови побара судот на Босна и Херцеговина да донесе пресуда за вина, наведувајќи дека на овој начин судството ќе покаже дека сака да се бори против корупцијата и криминалот на „белата јака“. .

Државното обвинителство наведе дека смислата на договорот со загрепската компанија „Скаут“ е продажба на застарен и неперспективен движен воен имот, а обвинетиот Цикотиќ како министер за одбрана со давање одобренија и анекси менувајќи ја суштината на договор, го фаворизираше купувачот на штета на буџетот на БиХ.

Одбраната побара ослободителна пресуда, отфрлајќи ја одговорноста на Цикотиќ.

Цикотиќ во последниот мандат на Советот на министри на БиХ беше и министер за безбедност на БиХ.