Пораките на Делчев актуелни и денес: Одбележана 122 годишнината од неговата погибија

Со положување свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје, почит му оддадоа претседателката Сиљановска Давкова, владина делегација предводена од премиерот Мицкоски, делегација од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и партиски делегации, здруженија, граѓани…

Со изјави дека пораките на македонскиот револуционер и великанот на македонското ослободително движење, Гоце Делчев, се актуелни и денеска и со заложби да се зачува вистината за него, денеска македонскиот државен врв и политичарите ја одбележаа 122 годишнината од неговата погибија. Со положување свежо цвеќе на неговиот гроб во црквата Свети Спас во Скопје, почит му оддадоа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, како и партиски делегации, здруженија, граѓани…

Одбележувањето започна со Панихида, отслужена од страна на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.

„Денешниот ден не потсетува на тоа колкав голем титан македонскиот народ имал, кој што имал не само локално, регионално, туку би рекол и пошироко значење. Неговата борба за Македонија, неговата хуманост, неговото дело, се безвременски и така ќе остане за генерациите кои што следат“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој рече дека оваа генерација политичари во македонската влада има чест да го пренесе сеќавањето за неговото дело на генерациите што следат, но истовремено и достојно да го чува и да го негува.

„Кога велам да го чува и да го негува, да ја пренесува вистината. Онаа вистина каква што вистински се случувала, а не вистината која што за жал некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ во минатото имаше обид за инженеринг таа вистина да биде поинаква“. рече Мицкоски, додавајќи дека за среќа тоа е веќе минато, „а наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев“.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, нагласи дека пораките на великанот Гоце Делчев се актуелни и денес, а дел од неговите пораки се поактуелни денес отколку во времето во кое што живеел.

„Тоа е знак и сигнал дека треба уште многу напорно да работиме, да ги имплементираме сите тие негови пораки. Од визијата за слободна и независна Македонија, посебно денес во едно време многу различно од тоа тогаш, во време кога доминира технологија, социјални медиуми а се повеќе и вештачката интелигенција“, рече Филипче.

„Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација, ние тоа го сведочиме и денеска по повеќе од еден век. Ако рекол дека светот треба да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока, а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. И на крајот, ако кажал дека Македонија е полето каде што треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да го направиме тоа, Македонија да ја унапредуваме и надградуваме и со човечки капацитет и со вредности“, рече Филипче.