
Порака од Филипче до Мицкоски: Никој не те мрази, сите те презираат
Филипче укажа дека Мицкоски зборува за омраза а самиот тој е извор на омраза, на деструктивна реторика која го дели народот и ја дестабилизира државата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината во Јегуновце, му порача на премиерот Христијан Мицкоски, дека никој не го мрази, туку сите го презираат. Филипче укажа дека Мицкоски зборува за омраза а самиот тој е извор на омраза, на деструктивна реторика која го дели народот и ја дестабилизира државата.
„Мицкоски вчера вели СДСМ имал патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски зборува за омраза – а сам е извор на омраза. Цела година навредува, понижува, го дели народот и сите кои ги критикуваат неговите очајни политики ги нарекува глодари и лешинари. Цела година го храни стравот, се заканува, плука по секого – па после глуми жртва кога народот ќе му ја врати вистината. Цела година зборува за дестабилизации, хибридни напади – додека единствениот кој дестабилизира е тој, со неговиот говор полн со омраза“, изјави Филипче.
На трибината Филипче јавно му порача на Мицкоски дека луѓето го презираат заради сите лаги и манипулации.
„Никој тебе не те мрази Мицкоски – туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија“.
На митингот во Тетово Филипче зборуваше дека во тој град не се почитуваат државните симболи и Законот за употреба на македонскиот јазик.
„Изминативе години, овде во Тетово сме сведоци на нетранспарентни постапки при носење урбанистички планови, нефункционална инфраструктура. Тетово се гуши во смет и во загаден воздух, а никој ништо не презема додека здравјето на граѓаните е загрозено“, истакна Филипче.
Тој рече дека, покрај негрижата за инфраструктурата и јавната хигиена, во Тетово се нарушуваат мултиетничкиот карактер на градот и принципите на соживот.
„А она што е најзагрижувачки – во мултиетничкиот дух на Тетово, наместо да градиме заедништво, гледаме примери на нарушување на основниот принцип на соживот и почитување на државните симболи. На јавни настани нема македонски превод, не се користат државните симболи, не се почитува доследно Законот за употреба на македонски јазик“, рече лидерот на СДСМ.
За Филипче недозволиво е ваквото однесување на локалната власт, критукувајќи го молкот на Владата и Мицкоски за нивниот коалициски партнер, Билал Касами.
Лидерот на СДСМ потенцираше пред присутните дека патриотизмот не се мери со празни зборови и поделби, туку со дела, одговорност и почит кон сите граѓани, кон државата и нејзините симболи.