Порака од СОНК: Онлајн настава не е во интерес на учениците

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура денеска на својот профил на Фејсбук објави дека Владата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) треба заедно да најдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата.

„Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците“ – наведуваат од СОНК.

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски вчера нагласи дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство и додаде дека нема промена во начинот на нејзината реализација. Владата, како што рече, за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето на дел од општините за продолжување на зимскиот распуст на учениците заради штедење струја и огрев и колку се оправдани барањата дел од трошоците и субвенциите да ги покрива Владата, Арсовски рече дека на последната седница на Владата немало дискусија за тоа.

„На последната седница на Владата немаше дискусија во однос на ова прашање. Владата останува посветена во надминување на предизвиците предизвикани од енергетската криза и е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука“ рече тој дополнувајќи дека нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта.

Организирањето во смисла на трошоците за загревање на училиштата, дополни владиниот портпарол, е во рамки на надлежностите на општините односно на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Така што, потенцираше Арсовски, важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.