Претставата „Нема струја на електричниот стол“ е новиот проект на Велешкиот театар. Театарски здание кое остава без здив, се уште се средуваат впечатоците.
„За нас актерите е тажен момент кога завршува процесот на една престава и кога почнува изведбениот дел. Сега се запознаваме со публиката преку претставата. Уште сме под силни впечатоци, полни беа салоните на премиерата и на првата реприза, за наше изненадување доживеавме френетичен аплаус кој траеше 15-тина минути. Ја постигнавме целта“ – вели актерот Васил Зафирчев во најновото издание на Трилинг.
Режијата е на Дејан Пројковски. Тој го стави Зафирчев на „голем тест“. На прашање како изгледа 90 минути да се игра со заврзани очи, со заврзани раце и нозе, Зафирчев вели:
„Првпат со `Инферно` се сретнавме како режисер – актер. Овој текст излезе сосема случајно. Го прочитав текстот, ме освои, се работи за црна комедија, интересно напишани два лика. Предизвикот беше голем, улогата подразбира големо количество драмски текст, психолошки профилиран лик. За мене голем предизвик беше околноста во која се наоѓа. Многу истражувавме за чинот кој е потресен, трогателен. Работевме со колегата Исидор Јовановски, прво работевме многу на текстот. Во нашата изведба не се работи за дует-драма“ вели Зафирчев.
Иако текстот е напишан пред повеќе од 20 години, ова е трета постановка, но се уште е многу актуелен, вели актерот.
„Актуелен е колку ние како човештво почнавме животот да го доживуваме како процедура. Колку лесно осудуваме, етикетираме, пресудуваме, духовно убиваме. Погледнато од аспект на мојот лик, со оглед на биографијата, осуден на електрична столица, осуден за убиството на учителката на неговата ќерка која не направила ништо додека девојчето се задушувало од бисквита. Таа граница меѓу џелатот и осудениот е многу тенка, тоа во претставата се изменува. Завршува со смрт на егзекуторот“ – вели актерот.
На прашање „колку чини слободата“, Зафирчев вели:
„Чини малку, чини еден миг. Тоа е најуниверзалната порака на претставата. Секогаш моментот – сега и овде. Многу силна порака, да не протресе, да не освести, дека животот не смее, не е процедура“.