Поради густа магла одложени дел од летовите на скопскиот аеродром

Поради маглата во Скопје дел од летовите од и кон скопскиот Меѓународен аеродром се одложени или откажани.

Според информациите на веб страницата на Меѓународниот аеродром, откажани се летовите од Бремен и Дортмунд, а одложен е летот од Истанбул.

Единствено, на скопскиот аеродром слетал авионот од Виена.

За околу четири часа е одложено и полетувањето на авионот за Истанбул и за околу 50 минути летот за Лондон.

Покрај во авиосообраќајот, маглата предизвикува и тешкотии во патниот сообраќај.

Според извештајот од АМСМ утрово, на дел од патиштата во државата како Тетово-Групчин и Кочани-Виница-Македонската Каменица, видливоста е до 40 метри, додека на други, таа е намалена на 50-100 метри. Од тие причините, од АМСМ упатија апел за внимателно возење и приспособување на брзината на движење.