
Попов: Официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е „вештачка конструкција”
Во обраќањето по повод 58 години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), нејзиниот претседател, академик Живко Попов, голем дел посвети на јубилејните 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик (5 мај 1945), како што рече - „еден од најважните моменти во зацврстувањето на многувековното постоење на македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет“.
Во обраќањето по повод 58 години од основањето на Македоската академија на науките и уметностите (МАНУ), нејзиниот претседател, академик Живко Попов, голем дел посвети на јубилејните 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик (5 мај 1945), како што рече – „еден од најважните моменти во зацврстувањето на многувековното постоење на македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет“.
Посочи на истражувањата на македонскиот јазик од странски слависти во 19 век кои уште тогаш ја констатирале неговата „посебна индивидуалност во јужнословенската јазична група“ и посочи дека македонскиот јазик „ја имал улогата на национален јазик уште пред да стане службен со решението од Првото заседание на АСНОМ“.
-Аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква „вештачка конструкција”, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија … Но, борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. Законот за македонскиот јазик е донесен со задоцнување и затоа државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова соодветна имплементација. Потребно е воспоставување на правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на државата, согласно општоприфатените меѓународни прописи во светот и ЕУ каде што ние целиме, истакна Попов во обраќањето.
Ги нагласи заложбите на основачите на МАНУ, издвојувајќи ги меѓу нив академиците Блаже Конески и Божидар Видоески кои, рече, „оставиле траен влог во зачувување на традицијата на македонскиот јазик и во обезбедување на неговата иднина преку континуирано негување, проучување и афирмација во пошироки надворешни рамки“ и ги соопшти активностите организирани од МАНУ во оваа година за чествување на јубилејот.
Посочи дека 55 години МАНУ го спроведува проектот „Македонска научна и стручна терминологија“ започнат токму од Конески уште од нејзиното основање. Центарот за лексикографија при МАНУ досега објавил, рече, 113 терминолошки билтени и шест терминолошки речници од разни науки. Како што рече, во нив се содржани околу 80 000 термини и дека веќе „имаме утврдена и стандардизирана терминологија во повеќе терминолошки области“.
-Многу е важно оваа терминологија да се применува при изготвувањето на законите и прописите во нашата држава, но исто така мора да се користи при преведувањето на законодавството на Европската Унија на македонски јазик. Затоа се надеваме дека Собранието и Министерството за европски прашања ќе ја препознаат важноста од користењето на усогласена терминологија што ја подготвиле врвни научници во своите области во соработка со врвни лингвисти. Со доследна примена на дефинираните термини во образованието, во стручните и научните публикации, но и во административните документи и во секојдневниот живот, ќе се спречи наплив на туѓи зборови кои не се во духот на македонскиот јазик, рече Попов.
Во годината кога прославуваме 80 години од кодифицирањето на македонскиот јазик, нагласи претседателот на МАНУ, „со жалење мора да констатираме дека македонскиот јазик е единствениот национален јазик во Европа заедно со црногорскиот без свој национален или референтен корпус“.
-Тоа е голем пропуст што мора да се исправи. Затоа, во Академијата ќе започне работата на создавање таков корпус што ќе можат да го користат сите истражувачи на јазикот. Корпусите претставуваат големи колекции на јазични податоци и се неопходни за напредокот на многу поддисциплини во рамките на лингвистиката и се основа за изработка на апликации базирани на вештачка интелигенција. Академијата … Постоењето нациоанлен и референтен корпус ќе ни покаже со колкав лексички фонд располага македонскиот јазик и ќе ни помогне повторно да ги откриеме и да се потсетиме на позаборавените зборови запретани во делата на македонските писатели и поети. Тоа секако ќе иницира во МАНУ формирање на национален центар за дигитализација на културното наследство на државата, истакна академик Попов.
Овие два проекта, нагласи тој, „ќе го потврдат тврдењето на Конески дека јазикот не ни е сиромашен, туку дека не си го познаваме доволно, дека не мора секогаш туѓиот збор да е посоодветен“.
Но, вакви капитални проекти, додаде претседателот на МАНУ, не се возможни без поддршка од државата и од надлежните министерства.