
Поплави на северот на Европа, за помалку од 24 часа наврна дожд колку за цел месец
Неколку региони во Германија, Белгија, Франција и Холандија во саботата беа погодени од обилни дождови и поплави, со „значителна“ штета. Насипи се пробиени, патиштата под вода…
Канцеларот Олаф Шолц денеска го посети регионот Сар, на границата со Франција и Луксембург, кој е најпогоден од порастот на нивото на водата по облачноста во ноќта петок кон сабота.
„Тука ја гледаме целата сила на природата и што таа може да предизвика и до кој степен треба да се подготвиме за такви настани“, рече Шолц.
Во таа покраина пред 36 часа е прогласена вонредна состојба поради временските неприлики. Ова се најлошите поплави што го погодија регионот на Сар во последните 30 години.
Откако беа пробиени насипите во Квиершид, властите ја прекинаа работата на електраната.
Во Сар се мобилизирани околу 850 припадници на противпожарната служба и цивилната заштита.
Германија се уште се сеќава на катастрофалните поплави од 2021 година во кои животот го загубија 183 лица.
Областа на Лиеж, на истокот на Белгија, исто така е поплавена од обилни дождови кои веќе предизвикаа штети во Франција.
На подрачјето на тој град досега се забележани околу 550 интервенции, а гувернерот Ерве Џамар мобилизираше 150 пожарникари во борбата против последиците од елементарната непогода.
„Ова се претежно интервенции за пумпање вода кои продолжуваат во сабота наутро“, соопшти канцеларијата на гувернерот на погодената провинција.
Во Фурон, на североистокот на земјата, водата во некои куќи се искачи „до нивото на градите“, рече градоначалникот Јорис Гаенс, додавајќи дека тоа е најлошата поплава во историјата на Фурон.
Од другата страна на границата, во холандската провинција Лимбург, два кампа се евакуирани поради опасност од поплави.
Во францускиот департман Мозел, на североистокот на земјата што се граничи со германскиот регион Сар, во раните утрински часови во саботата беше прогласена тревога поради опасност од поплави.
„За помалку од 24 часа врнеше дожд колку за цел месец“, соопштија властите.