
Најмалку 14 лица загинаа откако беа однесени од ненадејни поплави во Северен Сулавеси во Индонезија, изјави денес официјален претставник, додека потрагата по исчезнатите продолжува.
Силните дождови рано вчера предизвикаа ненадејни поплави на островот Сијау, кој се наоѓа во регионот Сијау Тагуланданг Биаро, изјави Нуриадин Гумеленг, портпарол на локалната агенција за спасување.
Шеснаесет спасувачи се распоредени за да ги бараат четирите лица кои се водат како исчезнати денес, изјави Гумеленг за Ројтерс, додавајќи дека досега се повредени 18 лица. „Продолжуваме да собираме информации од локалните жители во случај да има повеќе исчезнати лица“, рече тој.
Главните патишта во погодените области сè уште се покриени со камења, остатоци и густа кал, рече Гумеленег. Портпаролот на државната агенција за катастрофи, Абдул Мухари, изјави дека најмалку 444 лица се евакуирани во локалните училишта и цркви по ненадејните поплави.
Властите распоредија багери за да ги расчистат патиштата блокирани од остатоци и кал, а поплавите уништија и стотици куќи и владини згради, изјави гувернерот на Северен Сулавеси, Јулиус Селванус.
Ненадејните поплави се случија на врвот на дождовната сезона на островот Сулавеси, според индонезиската метеоролошка агенција. Се очекува островите Јава, Сулавеси, Малуку и Папуа да го доживеат врвот на дождовната сезона во јануари и февруари оваа година, што носи поголем ризик од поплави, соопшти метеоролошката агенција.