Патиштата во некои делови на Јужна Африка денеска се затворени, по невообичаено обилните снежни врнежи, а итните служби се обидуваат да стигнат до луѓето кои од синоќа се заглавени во возилата.
Според првите извештаи, во некои области наврнале и до два метри снег, а во неколку провинции портокаловото предупредување е подигнато од шесто на осмо ниво.
Според извештаите на медиумите, особено е погоден автопатот N3 на источниот брег, кој ги поврзува Јоханесбург и Дурбан, неколку делници се целосно непроодни, а дури и обиколниците се покриени со снег, соопштија властите.
Силните временски услови доведоа до затворање на автопатот N3 меѓу Харисмит и Тугел Тул, како и патот R617 меѓу Кокштад и Андерберг, објавија локалните медиуми.
Надлежните ги повикаа жителите кои планираат да патуваат да ги одложат своите планови поради сегашните опасни услови, а на оние кои веќе се на патот им се препорачува да бидат внимателни и да возат побавно, бидејќи патиштата станаа опасно лизгави.
Службите за итни случаи работат за да дојдат до луѓето во возилата, но сè уште нема информации колку луѓе има во снежните наноси или каква е нивната состојба, изјави за ENCA менаџерката за концесии за патарини N3, Таниа Догра.
„Службите за итни случаи работеа без престан во текот на ноќта. Тие се обидуваа да стигнат до што е можно повеќе учесници во сообраќајот“, рече Догра.
Ќебиња и оброци се доставени до некои возачи заглавени во снегот, објави попладнево провинциската влада КваЗулу-Натал.
Автобусите што ги поврзуваат провинциите чекаат на бензинските пумпи повеќе од седум часа, а камиони од вчера попладне се паркирани покрај патот, соопшти службата за комуникации на Корпорацијата за управување со патниот сообраќај.
На некои места жителите се без пристап до храна, вода и лекови повеќе од 12 часа, а температурата е исклучително ниска, велат властите, додавајќи дека хеликоптерите не можат да полетаат поради обилните снежни врнежи, маглата, дождот и слабата видливост долж рута.
Јужноафриканската метеоролошка служба денеска издаде повеќе предупредувања, истакнувајќи ја можноста за врнежи од снег, силен дожд и силен ветер во неколку провинции.