Попис: Вкупно население 2.097.319 лица, 54,21% Македонци и 29,52% Албанци

Во земјава вкупното попишано население изнесува изнесува 2.097.319 лица.

Од нив, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 како Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи, покажуваат податоците од Пописот 2021 што денеска ги соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Според Симовски, вкупното резидентното население е 1.836.713 лица, а нерезидентното 260.606 лица.

„Од вкупното резидентно население 58,44 се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, додека од неризедентното население опфатено со пописот 24,45 се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци“ – истакна Симовски.

Пописот покажал дека бројот на домаќинства е 598.632.

Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово.

Преброени се и 207 празни населени места.

Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1.674.

Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто, а бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто.

Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.

Како што соопшти Симовски, презентирајќи ги резултатите, просечно домаќинство брои 3,06 члена. Бројот на станови изнесува 839.174.

Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години.

На 1.000 жени има 984,3 мажи.