Полуматуранти од подгоричкото основно училиште „Владо Милиќ“ при прославата со факли го запалиле покривот на училиштето, пренесува Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).
Јавниот сервис на Црна Гора наведува дека во инцидентот нема повредени, а училиштето е евакуирано.
Директорката на училиштето Ивана Милиќ, која се наоѓа во областа Доња Горица во Подгорица, за „Вијести“ изјави дека нема повредени, а на терен се пожарникари и полиција.
Милиќ за новинарите пред училиштето изјави дека инцидентот се случил околу десет часот и дека сите ученици од деветто одделение учествувале во палењето на факелите.
„Штетата допрва ќе се утврдува“ – додава Милиќ.
Вршителот на должноста командант на Службата за заштита и спасување Подгорица, Здравко Блечиќ, за новинарите изјави дека на лице место излегле пет екипи со 15 пожарникари.
„Пожарот зафатил дел од покривот и површина од 40 до 50 квадратни метри. Пожарникарите имаа проблеми со приближувањето и пристапот до овој дел од училиштето, но со помош на чуварот кој беше многу брз, успеаја“ – изјави Блечиќ.
Според Блечиќ, штетите на училиштето се големи, а водата може да предизвика штета и во училниците.
Прославата со факли во училиштето била организиран по повод завршувањето на основното училиште.
„Како училиште не можеме да се организираме за ваква прослава. Учениците купувале приватно. Колку што знам, учествуваа сите ученици од деветто одделение. Учениците од деветто одделение најверојатно ќе бидат санкционирани. Последниот работен ден е, но сè уште ги немаат добиено потврдите. Тие сè уште се ученици на нашето училиште“ – изјави Милиќ, пренесува РТЦГ.