
Полска ја затвора границата со Белорусија поради руско-белоруски воени вежби
Полска, поради руско-белоруски воени вежби од 12 септември, ќе ја затвори границата со Белорусија, вклучително и за железнички сообраќај, соопшти денеска полскиот премиер Доналд Туск.
Полска, поради руско-белоруски воени вежби од 12 септември, ќе ја затвори границата со Белорусија, вклучително и за железнички сообраќај, соопшти денеска полскиот премиер Доналд Туск.
– Почнуваат многу агресивни руско-белоруски маневри на територијата на Белорусија. Нивната цел е, меѓу другото, симулација на дејствување во славниот коридор Сувалки. Засега само симулација, рече полскиот премиер пред седницата на владата.
Туск рече дека поради тие агресивни руски вежби, НАТО исто така организира маневри на своите граници, а од четврток на полноќ Полска ќе ја затвори границата со Белорусија.
– Се соочуваме со се повеќе провокации од Русија и Белорусија. Поради руско-белоруските маневри „Запад“, во ноќта од четврток кон петок, во полноќ границата ќе биде затворена, вклучувајќи ги и железничките гранични премини, рече Туск.
Русија и Белорусија организираат воени вежби „Запад“ од 12 до 16 септември, и тоа се први толку големи воени маневри на Русија од нападот на Украина во 2022 година.
Војските ќе вежбаат близу границата со Полска и Литванија, а литванските разузнавачки служби проценуваат дека ќе учествуваат до 30.000 војници, додека Москва и Минск официјално најавиле учество на 13.000 војници.
Коридорот кај местото Сувалки, долг 100 километри низ пошумен предел, ја поврзува Полска и Литванија и ја одделува руската енклава Калининград од Белорусија и Русија.
Се смета дека тој коридор е клучна точка на источното крило на НАТО и доколку Русија го освои, ќе ја пресече копнената врска и ќе ги изолира балтичките републики од нивните сојузници во НАТО.