Полицијата активно трага по лицето кое што вчера пукаше со автоматска пушка кон градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими.
Имено, при пукањето Ибрахими вршел надзор на работите на тротоар на главниот пат. Со него биле и неговото обезбедување и возачот.
Градоначалникот Ибрахими се спасил и е неповреден, додека пак возачот и обезбедувањето се здобиле со телесни повреди на местото на настанот.
Потешко рането е лице на 21-годишна возраст. Тој се наоѓа на Торакална клиника во Скопје каде му е отстранет дел од белите дробови, додека пак другото лице е во Градската болница „Свети Наум Охридски“, во добра здравствена состојба, при свест.
„Пациентот имал прострелна рана, оштетен му е десниот дел на белите дробови, направена е хируршка интервенција при што е изваден дел од белите дробови од десната страна. Нормално, пациент е во шок состојба, ќе преноќи на интензивна нега, па ќе видиме како ќе му се развива ситуацијата“, истакна д-р. Неџати Јакупи.
Мотивите за нападот се уште не се познати, но се шпекулира дека станува збор за стари имотни проблеми, поточно за земјиштето во државена сопственост, каде е предвидено да се изгради фудбалски стадион.
Поради инцидентот, вчера речиси цело Арачиново беше блокирано од полицијата.
Напаѓачите беа барани и со хеликоптер. Сообраќајот не беше дозволен, ниту пак пешаците можеа да поминуваат во близина на местото на настанот.