Полициска опсада синоќа во Струмица и Скопје – се истражувал шверц на дрога

Акцијата доаѓа откако минатата недела српската полиција заплени околу пет тони марихуана во близина на Крушевац, за која беше соопштено дека била транспортирана од Македонија.

Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), синоќа преземаа мерки и активности на повеќе локации во Скопје и Струмица во врска со сомнежи за опојна дрога.

Од Министерството најавија дека повеќе информации ќе бидат соопштени по завршувањето на акцијата, додека Јавното обвинителство веќе има оформено предмет за случајот.

Според информациите што претходно ги објавија дел од порталите, синоќа имало засилено полициско присуство на повеќе објекти во Струмица и струмичкиот регион. Истовремено, објект во поранешниот индустриски комплекс „Охис“ во Скопје бил под контрола на надлежните служби.

Неофицијално, во акцијата биле вклучени повеќе институции, меѓу кои полицијата, царината, здравствените служби и обвинителството, а таа наводно била насочена кон мрежа на т.н. „легални“ производители на канабис.

Акцијата доаѓа откако минатата недела српската полиција заплени околу пет тони марихуана во близина на Крушевац, за која беше соопштено дека била транспортирана од Македонија.

Од Обвинителството за организиран криминал во Србија информираа дека уапсените лица се осомничени како членови на организирана криминална група.