Полицајци го претепале до смрт главниот сведок, по телото на Данка се уште се трага

Извештајот од обдукцијата предизвикал паника во Полициската управа во Бор, а тројцата полицајци кои го претепале до смрт 40-годишниот Далибор Драгијевиќ, брат на Дејан Драгијевиќ, осомничен за убиство на 2-годишната Данка Илиќ, и клучен сведок во потрагата, меѓусебно се обвинуваат, дознаваат српските меидуми.

Весникот „Нова“ најави дека во утрешното издание ќе објави нови детали од насилната смрт на братот осомничениот за убиството на Данка Илиќ.

Според медиумот, извештајот од обдукцијата на Далибор Драгијевиќ со кој се потврдува дека тој починал од насилна смрт, а не од срцев удар како што беше официјално соопштено, предизвикало паника во полицијата во Бор.

Не е познато дали тројцата службеници на Полициската управа во Бор, кои го испитувале Драгијевиќ, се суспендирани од работните места, ниту дали против нив е покрената постапка од моментот на пристигнувањето на извештајот од обдукцијата.

Во меѓувреме продолжува истрагата и потрагата по 2-годишното девојче кое исчезна на 26 март во приградската населба Банско Поље кај Бор.

Душан Јанковиќ, татко на Срѓан Јанковиќ (50) од селото Лук, осомничен дека учествувал во убиството на Данка утре ќе биде сослушан во Вишото јавно обвинителство.

Во Полициската станица Заечар продолжува распитот на сведоци, а во текот на истрагата се сослушуваат соседите, роднините и колеги на осомничените за околностите и движењето во периодот од исчезнувањето на детето до нивното приведување, пишува Блиц.
Наредени се и вештачења на биолошки траги (ДНК), а осомничените за убиството ќе биде испратен на невропсихијатриско вештачење во Специјалната затворска болница во Белград, соопштија од општинското Јавно обвинителство во Зајечар.

2-годишната Данка Илиќ исчезна на 26 март, десет дена по исчезнувањето на девојчето се дознало дека ја удрил автомобил, а потоа била убиена и телото било фрлено. Како осомничени за убиството на Данка уапсени се Срѓан Јанковиќ (50) од село Лук и Дејан Драгијевиќ (50) од село Злот кои го признале делото, но не откриваат каде е телото на девојчето.

Дејан Драгијевиќ признал дека го задавил девојчето откако во неа удрил со автомобилот, а нејзиното тело било преместено од депонијата каде што првично било оставено. Приведен беше и братот на Дејан Драгијевиќ, Далибор (40), кој починал во притвор, а беше еден од клучните сведоци во истрагата бидејќи постоеше сомнение дека тој го преместил и го закопал телото на девојчето. Во притвор е и Радослав Драгијевиќ, таткото на осомничениот Дејан Драгијевиќ.

Телото на Данка Илиќ сè уште не е пронајдено.