Кон крајот на оваа година завршува обуката на Седмата генерација на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, па 59 кандидати ако го положат завршниот испит ќе станат судии или обвинители.
Во оваа генерација, која се актуализираше деновиве, е сопругата на новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Токму поради неа, Абази се повлече од Управниот одбор на Академијата каде беше предложен од Советот на јавни обвинители.
Абази кажа дека со оглед на тоа што неговата сопруга во моментов е слушател на Академијата за судии и јавни обвинители и е пред завршување на Академијата, не сака да падне било каков сомнеж во објективноста при спроведувањето на завршниот испит и оценувањето.
-Затоа се откажувам од членувањето во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и барам Советот да ја измени одлуката, рече Абази во барањето што ќе го достави до Советот на јавните обвинители.
Но, пред две години кога беше утврдена конечната ранг листа на слушатели на 60-те слушатели на Академијата на судии и јавни обвинители, токму оваа генерација се најде во медиумското внимание. На листата се најдоа синови, ќерки, снаи на политичари, функционери, судии, обвинители.
Веб страницата на Академијата за судии и јавни обвинители на којашто се објавува конечната ранг листа на слушатели, не работи, но во медиумските архиви може да се најде дека меѓу кандидатите бил избран синот на спикерот Талат Џафери, кој е 14-ти на генералната кандидатска листа, а прв на листата на нови слушатели од албанска националност.
Избрана беше и втора семејна генерација на три обвинителки, ќерката на обвинителката во државното обвинителство Лилјана Спасовска, ќерката на Гордана Смаќоска од обвинителството за организиран криминал, како и синот на поранешната заменичка на Катица Јанева во Специјалното јавно обвинителство, Елизабета Јосифовска.
На списокот кандидати има и син на врховен судија, снаа на генералниот секретар на Парламентот, Цветанка Иванова, како и сопругата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.