Белорусија испорача напредно оружје за Азербејџан, главниот непријател на Ерменија, иако Белорусија и Ерменија се сојузници во меѓународниот одбранбен пакт предводен од Русија, според документите што ги виделе од „Политико“.
Оваа информација фрла нова светлина врз одлуката на Ерменија да ја напушти Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), група која ги вклучува Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Белорусија. Постсоветскиот воен сојуз беше формиран во 2002 година под водство на Москва.
Ерменија сега е на работ на историско вртење кон Запад. Поранешната советска република сè повеќе гледа кон Европа и НАТО за заштита по децении потпирање на Москва. Ерменија е во жесток конфликт со Азербејџан во регионот на Јужен Кавказ, на стратешкиот спој меѓу Азија и Европа.
Членовите на алијансата се должни да го бранат нападнатиот член
Одлуката на Белорусија, верен сојузник на Русија, да испорача напредна воена опрема за Азербејџан меѓу 2018 и 2022 година, во Ерменија ќе се смета за предавство. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан завчера најави дека неговата влада ќе го започне процесот на повлекување од ОДКБ, тврдејќи дека членките „не ги исполнуваат своите договорни обврски“.
Членовите на ОДКБ се обврзани да се бранат меѓусебно доколку бидат нападнати, но тоа не го сторија во случајот со конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан. „Политико“ тврди дека има докази дека Белорусија активно им помагала на вооружените сили на Азербејџан меѓу 2018 и 2022 година, додека тензиите со Ерменија биле на врвот.
Понудените услуги вклучуваа модернизација на постара артилериска опрема и набавка на нови беспилотни летала и системи за електронско војување. Документите вклучуваат писма од државната агенција за извоз на оружје на Белорусија до нејзините сопствени воени фабрики во врска со нарачките за најсовремена опрема од Азербејџан.
„Политико“ имаше увид и во кореспонденцијата меѓу двете земји за купување на Гроза-С, мобилни борбени станици за попречување на беспилотни летала. Ниту азербејџанската ниту белоруската влада не одговорија на барањата за коментар.
Ерменските и американските војници вежбаа заедно
Артилерија и беспилотни летала се користат интензивно во борбите меѓу азербејџанските и ерменските сили во последниве години, особено за време на војната во 2020 година за отцепениот регион Нагорно-Карабах. Спорниот регион се наоѓа во меѓународно признатите граници на Азербејџан, но е управуван од неговото ерменско население од бруталниот конфликт што следеше по распадот на Советскиот Сојуз.
Азербејџанската офанзива во септември минатата година стави крај на де факто независноста на регионот и предизвика масовен егзодус на неговите 100.000 жители. „Политико“ истакнува дека една од дипломатските комуникации докажува дека белоруските компании играат активна улога „во обновата на деокупираните територии на Азербејџан, како и во извозот на белоруски стоки и услуги“ во земјата.
За време на војната, Ерменија побара помош од ОДКБ. Таа подоцна ги обвини членовите на блокот дека не ги почитуваат своите обврски бидејќи само понудиле да испратат претставници за утврдување на фактите. Оттогаш, Пашинјан постигна договор за проширување на набљудувачката мисија на ЕУ на тензичната граница меѓу двете поранешни советски републики и ги покани американските војници на заеднички вежби.