По трагедијата што се случи во забавниот парк во Пефкохори, кога момче загина на вртелешка. надлежните поведоа дисциплинска постапка и против градоначалничката на Касандра и нејзиниот заменик.
Грчките медиуми јавуваат дека градоначалничката и нејзиниот заменик се пријавени во Изборната дисциплинска комисија која ќе заседава во наредните денови.
Како што објави порталот „Прототема“, покрената е дисциплинска постапка против Анастасија Халкиас, градоначалничката на Касандра и заменик-градоначалникот, кои имаат одговорност при издавањето дозволи и контролата на забавните паркови.
На седницата на комисијата тие треба да дадат образложение и потоа ќе се одлучува дали и против нив ќе бидат преземени дисциплински мерки. Во исто време, локалното обвинителство го води случајот со несреќата.
Сето ова следи откако се дозна дека паркот каде што загина момчето работел без дозвола, односно бил поставен илегално, а одговорноста за тоа се бара од сите инволвирани, вклучувајќи го и сопственикот на паркот кој го поставил и вработениот кој управувал со машината во моментот на несреќата.
Сопственикот на луна паркот во Пефкохори немал дозвола за работа и му било забрането да го постави паркот бидејќи ги немал потребните сертификати за апаратите.
Таткото на жртвата, кој бил во Атина кога се случила несреќата, лут на локалните власти, побара да се најдат виновниците, во спротивно сам ќе ги најде.
„Доколку не ги најдете виновниците веднаш, јас како родител кој ги чувал децата сите овие години, од моментот кога се родиле, сам ќе ги најдам и ќе ги казнам“, изјави тој и додал:
„Ова семејство и оваа куќа се затворени. Ние бевме многу блиски. Децата се израснаа меѓусебно. Моето момче го нема. Неговата слика никогаш нема да ја заборавиме. Секој викенд одев да ги видам, многу години по улиците и други да ми го земат детето“, пренесе „Прототема“.
И мајката на момчето е скршена од болка и бара одговорност од градоначалничката:
„Мојот Јанис беше висок два метра. Секогаш се наведнуваше за да ме бакне, а сега јас да се наведнувам да го бакнам. Слушнав дека градоначалничката на Касандра направила некои промени. Дали моето дете требаше да умре за таа тоа да го направи?”, праша таа.