Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељал Свечља соопшти дека од седиштето на меѓународната полициска организација, Интерпол го известиле дека е покрената меѓународна потерница за сите осомничени за терористичкиот напад во Бањска, во северно Косово, на 24 септември 2023 година, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешната објава на својот Фејсбук, Свечља рече дека ова е важен чекор и како таков ќе има целосен ефект кога Србија, која според него „ги засолнува и штити терористите“, истите ќе им ги предаде на косовските власти за да одговараат пред правдата.
– Одговорноста за организацијата и извршувањето на терористичкиот напад на 24 септември, каде што беше убиен наредникот Африм Буњаку, е суштинска. Казната за наредбодавачите, организаторите и извршителите на овој напад треба да се случи што е можно поскоро, како гаранција дека нема да се повторат слични терористички акти, напиша Свечља.
На 6 декември минатата година, Интерпол објави меѓународна потерница за поранешниот лидер на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за нападот на 24 септември. Властите во Србија, непосредно по нападот во Бањска, го приведоа Радоичиќ, но веднаш по распитот во полиција го пуштија да се брани од слобода.
Медиумите во Косово и Србија објавија дека на таканаречената „црвена листа“ на меѓународната полициска организација се наоѓаат над 20 лица кои учествувале во нападот во Бањска, во кој, покрај припадникот на косовската полиција, беа убиени и тројца од групата српски напаѓачи.