Движењето Беса повика да се одржи заедничка средба на албанските парламентарни партии. Тема на разговор би бил уставно-правниот статус на Албанците во Македонија и усогласување на ставовите за отстранување на одредницата „20 отсто“ од Уставот.
Потпретседателот на Беса, Аријанит Хоџа, очекува одобрување од сите партиски лидери, бидејќи според него, во овој случај не треба да има триумфализам.
„Во име на претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, ќе испратиме покана до сите албански политички партии за заедничка средба на која ќе се разговара за унапредување на законско-уставните права на Албанците во Северна Македонија. Исто така, на оваа средба ќе биде предложена дискусија за градење заеднички став на албанскиот политички фактор во земјава во однос на уставните измени кои мора да се случат многу брзо и преземање конкретни чекори за отстранување на погрдниот термин „20%“ и негова замена со одредницата ‘албански јазик’“, рече Хоџа.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Осман навести дека ДУИ можеби нема да учествува на една ваква средба. Според него, темата со 20-тте отсто не треба да биде етничка агенда, туку процес кој се постигнува како резултат на социјална и политичка зрелост. Прашан за барањето на Алтернатива од каде бараат преку уставен амандман да се оневозможи да застаруваат кривичните дела за злоупотреба на службената должност, Османи рече дека од политички аспект никој не може да биде против, но на крајот мора да се изјаснат правните експерти.
„Не гледам никаков отпор од македонските политички партии кои видоа дека формулацијата ‘20 отсто’ само поттикна демографска трка која пописот го претвори во политички инструмент, а не во статистичка операција. Не гледам никаков отпор ниту кај македонските, ниту кај албанските партии бидејќи тие разбраа дека оваа проценка е погрешна и оти е дојдено време оваа корекција да се направи во еден нормален процес со општествена и политичка зрелост. Ако е тоа така, зошто тогаш сега да ја земаме оваа тема и да ја прикажуваме како етничка за која некој ќе ни прави отстапки?“, рече Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Средбата е закажана за следната недела. Покани ќе бидат упатени до лидерите на ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и ДПА. Заедничката декларација на албанските политички партии содржи 7 точки, а првата се однесува на јазична и етничка еднаквост.
Заедничко соопштение на албанските политички партии, точка 1:
1. Постигнување целосна еднаквост согласно Охридскиот договор и Уставот
Постигнување целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гарантирање на неговата употреба како основно и уставно право. Уставот на Република Македонија мора да определи дека „македонскиот јазик со кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.
Последната средба на партиите потписнички на Заедничката декларација беше во јули 2017 година. Тогаш Али Ахмети, свика средба, но другите партии ја бојкотираа.