Пожар на Тасос

Жителите на селото Кинира на грчкиот остров Тасос, во северниот дел на Егејското Море, добија наредба да се евакуираат денеска откако продолжи да беснее големиот пожар што синоќа зафати борова шума на истокот од островот, пренесува „Катимерини“.

Жителите на Кинира рано утринава добиле наредба од полицијата да се евакуираат кон селото Лименарија, пишува грчкиот весник.

Пожарот избувна вчера во непристапна планинска област веднаш по зајдисонце, поради што беше оневозможено гаснењето со авиони од воздух.

Противпожарната служба денеска ги засили силите, испраќајќи 102 пожарникари со 33 возила, а мобилизирана е и армијата и доброволците.

Според некои извештаи, двајца пожарникари волонтери ги повредиле нозете кога врз нив паднало дрво и биле згрижени во локалниот здравствен центар, пренесува Катимерини.