На планината Жеден над селото Кучково, на непристапен терен ноќва избувна пожар. Од Скопје се гледа како да гори голема површина, но директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека опожарените места не се големи и оти очекува ноќеска да се самоизгаснат од ниските температури и влагата.
Високи стебла не се зафатени, бидејќи палењето на ниските и трнливи грмушки е на пасиштата на Жеден. Запалените пасишта се над изворот Рашче. Директорот на ЦУК вели дека изворот не е загрозен.
„Претпоставувам дека намерно се запалени ниските и трнливи грмушки, за да ги чистат пасиштата за овците. Во близина на опожарените пасишта нема објекти, теренот не е пристапен. Ако не се изгасне пожарот сам, ќе го изгасиме изутрина со хеликоптер“, вели Ангелов.