
Пожарот во Чучер Сандево надвор од контрола
Чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, се до Бутел, а регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште
Пожарот на територијата на Чучер Сандево и покрај интервенциите од воздух, се уште е надвор од контрола, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според ЦУК, чадот се проширува низ целата општина и селата Чучер, Мирковци, Глуво, Бразда, се до Бутел, а регистриран е и нов пожар во атарот на село Кучевиште, кој зафаќа голема површина и се наоѓа во близина на куќи.
Поради временските услови, се очекува пожарот во текот на ноќта делумно да се стиши, што би овозможило поефикасно дејствување на теренот утре.
-Во текот на денешниот ден, на терен интервенираа сите расположливи сили и средства — општински служби, физички и правни лица, како и екипи од БППЗ, ДЗС, МВР и ЦУК. Сите капацитети се ангажирани, но условите на теренот се исклучително тешки. Голема е вознемиреноста кај населението. Во раните утрински часови беше пружена воздухопловна поддршка со три летала, а попладнето со уште еден воздухоплов, наведува ЦУК.
За утре е планирано акциите да почнат уште во 5:00 часот, со ангажирање на сите институционални и општински сили на целата зафатена површина, со поддршка од два воздухоплова на МВР. Во вечерните часови екипите ќе останат на терен и ќе интервенираат согласно приоритетите и потребите.
Од Општината Чучер Сандево, пак, велат дека ситуацијата е загрижувачка и опасна. На денешната седница е донесена одлука да се прогласи вонредна состојба во општината поради пожарите кои беснеат на тоа подрачје веќе два дена.
Градоначалникот Сашко Комненовиќ вели дека ситуацијата е загрижувачка и опасна поради пожарот кој избувна помеѓу селата Блаце и Чучер Сандево, се до село Кучевиште.
Во ообјава на Фејсбук, Комненовиќ посочува дека ситуацијата е сериозна и динамична и бара постојано вклучување на сите расположливи ресурси.
Пожарот зафати густа нискостеблеста и мешана шума, на многу непристапен терен, а силниот ветер дополнително го отежна неговото гасење.
„Она што ме загрижува и што сакам да го алармирам е тоа дека забележувам спора реакција од надлежните институции во однос на гаснењето на пожарот. Во вакви моменти секоја минута е важна и пресудна”, изјави Комненовиќ .
Тој вели дека не сака да критикува, но додава дека вчера Владата се пофали со новите хермелини за кои како што кажаа се подготвени за гасење на пожарите и праша зошто истите не се ставаат во функција во Чучер Сандево, забележувајќи дека видел само еден таков хермелин.