Најмалку 16 лица загинаа, а 10.000 објекти се уништени или оштетени во пожарите кои сè уште беснеат во Лос Анџелес. Во сила е наредбата за евакуација на околу 100.000 жители на областа. Речиси 30 лица беа уапсени во Палисејдс и Итон за провали, грабежи и поседување дрога.
Од шесте пожари кои ја зафатија областа Лос Анџелес, три се ставени под контрола и 50 или повеќе проценти од областа под оган е изгаснат, додека најголемиот пожар во Пацифик Палисејдс сѐ уште не е под контрола, како ни во Итон и во Арчер, наведуваат американските медиуми.
Според последните податоци, загинале 16 лица, а наредбата за евакуација на околу 100.000 жители од областа сѐ уште е во сила.
Повеќе од 10.000 објекти најверојатно се оштетени или уништени само во населбите Итон и Палисејдс, проценуваат официјални лица од пожарникарската служба во Калифорнија.
Пожарникарите во моментов можат да користат авиони за да ги локализираат пожарите, но постои голема загриженост за ширењето на огнот поради зголемените ветрови, изјави шефот на противпожарната служба во Лос Анџелес, Дејвид Акуна, кој посочува дека на локалните противпожарни екипи им се придружуваат колегите од другите делови на Калифорнија, како и од уште седум американски држави, Канада и Мексико.