По неколку години предистрага, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција деновиве поднело обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузното „ауди“ вредно околу 67 илјади евра.
Ова денеска беше соопштено на брифингот со новинарите што го организираше шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази во новите простории на зградата.
Мерко се товари за злоупотреба на службената положба и овластување односно член 353 став четири од Кривичниот законик и му се заканува затворска казна од една до пет години затвор.
Обвинението сега е поднесено во Кривичниот суд во Скопје, но доколку овој суд се прогласи за ненадлежен предметот, готов, со сите докази, ќе биде пратен во струшкото обвинителство за по него да постапува судот во Струга.
Предметот е итворен по иницијатива на Антикорупциската комисија поднесена во 2020 година за кривично гонење на Мерко за набавката на патнички возила, меѓу кои и „ауди А6“ вредно 67 илјади евра.
Мерко е ставен и на „црната листа“ на САД, но досега за него нема поднесено друго обвинение.