
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на затворот „Скопје“ и уште седум полициски службеници од оваа казнено-поправна установа. Тие се осомничени дека во првата половина од минатата година им овозможувале погодности на осуденици кои немале право на тоа според судските одлуки.
Иако во соопштението од Обвинителството не е наведен идентитетот на поранешниот директор, ниту на другите седум обвинети затворски полицајци, извесно е дека станува збор за ексдиректорот на установата Филип Андонов против кого ОЈО ГООК во февруари годинава отвори истрага.
Според обвинението што го поднел јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поранешниот директор и двајца полициски службеници се товарат дека сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а еден од полицајците ќе одговара и за несовесно работење во службата.
За кривичното дело несовесно работење во службата обвинети се и другите петмина полициски службеници.
Според краткиот опис на делото, од Обвинителството велат дека ексдиректорот и другите обвинети лани во периодот од март до јули со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, односно на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
„Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода надвор од установа“, се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.