
Поднесена претставка од 25 граѓански организации до Владата за одобрението за градење за хотелскиот комплекс во Горица
Организациите доставија претставка и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.
Вкупно 25 граѓански организации поднесоа претставка до премиерот и членовите на Владата која се однесува на одобрението за градење за хотелскиот комплекс во Горица за кое, како што информираат, сите релевантни закони налагаат обврска да се прогласи за ништовно. Претставката се осврнува и на инспекцискиот надзор на Државниот инспекторт за животна средина (ДИЖС), кој, според нив, изобилува со законски прекршувања и можни кривични дела, како и на улогата и законските прекршувања на Управата за животна средина. Организациите доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.
-Ја поздравуваме заложбата на Владата за борба против корупцијата и за владеење на правото, особено истакнувана по трагедијата во Кочани и целосно се согласуваме дека „корумпираниот систем не смее да победи“, дека е „чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата…“ и дека борбата против корупцијата не е и не смее да биде меѓу-партиска пресметка туку „борба на чесните против нечесните“. Во овој контекст укажуваме дека уништувањето на највредното богатство на земјата и сите нејзини сегашни и идни граѓани – светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, со пасивно и/или активно учество на државните институции, е дијаметрално спротивно постапување од она кое води до справување со корупцијата и воведување на правна држава, се вели во претставката поднесена од страна на Фронт 21/42, Охрид ЅОЅ, Новинари за човекови права, Балканска Водна Мрежа, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Национален Рома Центар Куманово, Институт за комуникациски студии, Центар за правни истражувања и анализи, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, О2 Иницијатива, Еко Логик, Вело Училишта, Зелен Хуман Град, Хумани Градови, Грин.орг Кочани, Го Сакам Водно, Здрава Котлина, Институт за човекови права, Центар за управување со знаење, Метаморфозис, Планетум, Еко-Живот, Движење на Екологисти на Македонија и Гоу Грин.
Овие граѓански организации бараат итно да се спроведат Законот за животна средина, Законот за градење и Законот за општата управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување елаборат за животна средина, е ништовно.
Во претставката се додава дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречи и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и Архуската конвенција.
Организациите се осврнуваат и на улогата на Државниот инспекторат за животна средина и од премиерот и Владата бараат да се обезбеди испитување на можни коруптивни постапки од страна на сите посочени институции и вклучени лица.
-Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес – наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на Дивелоп Груп, се наведува во претставката.
Невладините посочуваат дека обврската за отстранување на градбата, враќање на природата во првобитна состојба и поништување на урбанистичкиот план на кој базира актуелното уништување, ја налагаат и меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО и потсетуваат дека одговорноста за нивното извршување законот ја лоцира токму кај Владата. м