Поддршка за вработените во Филхармонија од Синдикатот на музички уметници на Србија

Во поддршката до нашите музичари, српските колеги потенцираат дека доколку на нетраспарентен начин се спроведе конкурсот и се избере однапред договорениот меѓупартиски кандидат ќе го информираат и Џон Смит, претседател на Интернационалната федерација на музичари (FIM) кој ги застапува интересите на европските музичари во УНЕСКО, како и во Европскиот парламент.

Вработените во Македонската филхармонија, деновиве добија поддршка и од Синдикатот на музички уметници на Србија во борбата за транспарентно спроведен конкурс за избор на директор.

Во поддршката до нашите музичари, српските колеги потенцираат дека доколку на нетраспарентен начин се спроведе конкурсот и се избере однапред договорениот меѓупартиски кандидат ќе го информираат и Џон Смит, претседател на Интернационалната федерација на музичари (FIM) кој ги застапува интересите на европските музичари во УНЕСКО, како и во Европскиот парламент.

„Синдикатот на музички уметници на Србија им дава целосна поддршка на музичарите од оркестарот на Македонската филхармонија во нивната борба за транспарентно и законски спроведен конкурс за избор на директор.

За нас, музичарите, најважно е да имаме простор и слобода на израз, бидејќи музиката, како и сите останати уметности се темели на независност и слобода, а не на општествените стеги и актуелни политички состојби.

Културните институции треба да ги водат професионалци, луѓе со искуство и професионален интегритет, а не политички марионети.

Државата треба да ја поттикнува и стимулира музичката уметност, да ги мотивира музичарите да ги достигнат своите највисоки врвови, зошто тие се нејзини најголеми амбасадори.

Музиката и културата, а не политиката, се најдобри промотори на секоја држава.

Се надеваме дека ќе истраете во вашата борба и дека ќе се изборите да добиете професионален менаџер кој ќе продолжи да ја води вашата институција кон просперитет и врвни уметнички достигнувања, а не кон уништување на најзначајната институција во Македонија.

Синдикатот на музичките уметници како полноправна членка на Меѓународната федерација на музичари во која членуваат музички уметници од повеќе од 120 земји ќе го информира претседателот, г-дин Џон Смит и земјите членки за проблемите со кои се соочува Македонската филхармонија и за нетранспрентниот процес за избор на директор кој го спроведува Министерството за култура на Република Северна Македонија.“, пишува во соопштението од Синдикатот на музичките уметници на Србија.

Минатата недела, вработените во Македонската филхармонија добија поддршка и од своите колеги од Белградска филхармонија кои се соочуваат со слични проблеми. Тие во моментов се во штрајк и не ги одржуваат своите концерти.

И вработените во Македонската филхармонија најавија дека доколку се избере меѓупартиски договорениот кандидат на престојниот конкурс, ќе престанат со работа и нема да ги одржуваат своите концерти.