Владата, на предлог на Секретаријатот за европски прашања, ја разгледа и усвои Информацијата за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Задолжени се надлежните институции, да ја финализираат нацрт-реформската агенда 2024-2027, која потоа ќе се достави до Европската комисија.
Реформската агенда претставува сеопфатен пакет на мерки за постигнување на предвидените цели, предвидена е исплата два пати во годината, а плаќањата, како што предочија од Секретаријатот за европски прашања, се условени со реализација на квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за периодот од 2024-2027 година.
За Северна Македонија, приоритетни области коишто се договорени со ЕК се однесуваат на:
1. Управување/ Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии
2. Дигитална, Енергетска/ Зелена транзиција
3. Човечки капитал
4. Деловно опкружување
5. Владеење на правото
Во Реформската агенда ќе треба да се утврдат и приоритети за инфраструктурни инвестиции (преку WBIF), коишто треба да се однесуваат на: транспорт, енергетика, дигитална трансформација и човечки капитал, коишто се прифатливи за финансирање преку Механизмот на Планот за раст.