
Погребани премиерот и владините претставници на Хутите, убиени при израелскиот напад врз Јемен
Илјадници луѓе денеска во Сана присуствуваа на погребот на премиерот на јеменските бунтовници, Ахмед ал Рахави и 11 други функционери, кои беа убиени на 28 август при израелски воздушен напад врз Јемен
Илјадници луѓе денеска во Сана присуствуваа на погребот на премиерот на јеменските бунтовници, Ахмед ал Рахави и 11 други функционери, кои беа убиени на 28 август при израелски воздушен напад врз Јемен.
Во израелскиот напад загинаа Рахави, девет министри и двајца владини претставници. Хутите првпат објавуваат за смрт на владини претставници.
Привремениот премиер Мохамед Мифта изјави дека убиствата „нема да успеат да ја дестабилизираат јеменската држава, туку напротив, крвта на мачениците ќе поттикне уште поголема решителност и уште повеќе акција“ како одговор на она, што тој го опиша како „неуспешен заговор за агресија“.
Лидерот на Хутите, Абдул Малик ал Хути вчера се закани дека ќе ги засили нападите врз Израел и нагласи дека атентатите на високи функционери нема да ги натераат Хутите да се повлечат.
Јеменските бунтовници контролираат големи делови од земјата, која е во војна од 2014 година, вклучувајќи ја и Сана, каде што Хутите ги воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти, протерани од Сана, се во Аден.
Од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, Хутите лансираат ракети и дронови кон цели во Израел и нападнаа повеќе од 100 бродови во Црвено и Арапско Море, теснецот Баб-ел-Мандеб и Аденски Залив, во знак на поддршка со Палестинците. Како одговор на нападите, Израел постојано напаѓа цели во областите на Јемен контролирани од Хутите.
Јемен е вовлечен во граѓанска војна од 2014 година меѓу владините сили, поддржани од коалицијата предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран. Обединетите нации го опишуваат конфликтот како хуманитарна катастрофа што предизвика сериозна штета на инфраструктурата на осиромашената земја.