Повредени во пожарот во Кочани пренесени во Штипската Болница, во „8 Септември“ и на Скопските клиники

Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноческа се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.

Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.

Поради сериозност на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ и на Скопските клиники.

Пред Болницата во Кочани се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.

Во првичната информација од МВР, се посочува дека најмалку 50 лица се загинати во дискотеката во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на позната група.

Според информациите објавени во дел од медиумите пожарот најверојатно настанал поради употреба на пиротехнички средства.

Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување.